Мадрид го именува поранешниот шпански премиер Хозе Луис Запатеро за посредник во сегашниот спор меѓу власта и опозицијата во Венецуела.
Запатерио престојува во Каракас и веќе се сретнал со осудениот лидер на опозицијата Леополдо Лопез.
Според венецуелските медиуми, средбата се одржала во воениот затвор Рамо Верде во околината на Каракас и траела 1,5 час.
Ова беше прва средба на 45-годишниот Лопез со некој кој не е член на неговото потесно семејство или неговите адвокати, откако минатата година беше осуден на 14 години затвор за „потикнување улично насилство“ во земјата.
Опозицијата и неговите приврзаници тврдат дека Лопез е осуден врз основа на измислени и лажни обвинувања, како и дека е прогласен за виновен само затоа што остро ја критикува внатрешната и надворешната политика на актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро.
Кризата во Венецуела продолжува да се влошува, а земјата е длабоко поделена меѓу левичарската Влада и опозицијата која по последните парламентарни избори во декември 2015 година, преседе контролата врз Парламентот.
Сите обиди на парламентарците со закони и мерки да извршат реформи во државата, се блокирани од судовите и владината админстрација, кои се под контрола на Мадуро и неговата Социјалистичка партија.
Кризата се продлабочува и со влошување на економската состојба, што предизвика земјата да се соочува со голем недостиг на прехранбени и други производи за секојдневна употреба на наслелението.
Мадуро се оправдува со падот на цената на суровата нафта и ги обвинува опозицијата и „буржоазијата“ за кризата, додека неговите противници тврдат оти вината за кризата е социјалистичата економија и популистичата политика на претседателот, чија цел е да ги има на своја страна сиромашните слоеви во земјата.