Фестивалот на забавна музика „Макфест“ почна со кревањето на фестивалското знаме. Директорот на „Макфест“, Љупчо Мирковски на денешната прес-коференција рече дека на 31. издание на фестивалот ќе продефилираат 30 интерпретатори во двете полуфинални вечери, а 20 од нив ќе настапат во финалето во сабота. Новина од оваа година е тоа што и самите пејачи ќе можат да гласаат за нивните колеги, поточно за тројца од нив за кои сметаат дека имале најдобра песна. На нив се додаваат гласовите од телеволтингот и жирито.
– Кога ќе ги собереме сите ќе имаме единствена бројка. Ќе ги претвориме во евровизиски систем на гласање, рече Мирковски.
Покрај 23 домашни изведувачи, оваа година ќе учествуваат и седум странски интерпретатори.
Интепретатор од Австрија со македонско потекло Џими Роџерс со својот ансамбл од Австрија, ќе настапи со од него компонирана песна “My seven eights”, што во превод на македонски е „Моите седум осмини“. – Овој пат се обидов да направам една комбинација на македонски ритам, а пеам на англиски. Значи се обидувам да дадам интернационална нота на македонските ритмови, вели Роџерс.
Сите учесници ќе се натпреваруваат за трите главни награди. Најдобрата песна на фестивалот ќе биде наградена со 10.000 евра, за втората награда се предвидени 7.500 евра, а третонаградената песна ќе добие 5.000 евра. Покрај главните награди, ќе бидат доделени и наградата за најдобар аранжман, сценски настап, чија вредност изнесува 1.000 евра. Фестивалот е во организација на локалната самоуправа, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и од Општина Штип. Интерпретаторите своите песни на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип ќе ги пеат во живо, а во придружба на ревискиот оркестар на МРТВ.