Едвард Сноуден, главниот меѓународен дописник на Си-Ен-Ен Кристијана Аманпур и грчкиот поранешен министер за финансии Јанис Варуфакис ќе бидат меѓу говорниците на Форумот за демократија, кој ќе се одржи во Атина во септември, објавија организаторите.
Во организација на „Њујорк Тајмс Интернешнл“ настанот, меѓу другото, ќе содржи панел дискусии за миграција, угнетувачка политика, демократија и бизнис, и ќе се одржи од 14 до 18 септември.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, други учесници на форумот ќе бидат израелскиот политичар роден во Советскиот Сојуз Натан Шарански, кинескиот професор по економија Јашенг Хуанг, поранешниот италијански премиер Марио Монти, тунискиот бизнисмен и претседател на Туниската Конфедерација за индустрија, трговија и занаетчиството Уидед Бушамауи, поранешниот австралиски премиер Кевин Рад и американскиот економист и колумнист во „Њујор Тајмс“ Пол Кругман.