Фондот за иновации и технолошки развој, кој беше основан во 2014 година, денеска во центарот на Скопје отвори контакт-канцеларија заради поголема достапност за потенцијалните апликанти кои ќе пријават иновативни проекти. Новата канцеларија ќе ја олесни комуникацијата со сите кои се заинтересирани за можностите за развој на иновативни идеи преку програмите на Фондот.
Воедно, Фондот го најави и третиот повик за финансирање проекти т.е. повик за поднесување предлог-проекти за поддршка од Инструментот за кофинсирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф. Повикот ќе биде отворен утре и ќе трае 60 дена.
За финансирање проекти од овој повик обезбеден е вкупен износ од 450.000 евра, наменети за 15 старт-ап и спин-оф претпријатија.
Премиерот Емил Димитриев на отворањето на канцеларијата зборуваше за улогата на Фондот во помагање на иновативноста и претприемачкиот дух, иако се работи за понова институција.
– Досега беа објавени два повика за финансирање нови идеи и иновации, со кои беа финансирани 33, претежно млади компании, со вкупна вредност од 1,3 милион евра. Деновиве ќе го објавивме третиот повик за финансирање 15 старт-ап и спин-оф компании со вкупна вредност од околу 450.000 евра. До крајот на годинава планираме уште еден повик со кој ќе заокружиме вкупна сума од 2.650.000 евра поддршка во оваа година за овој тип на проекти. Нашиот план е во 2017 година вкупната поддршка да изнесува 10 милиони евра, рече Димитриев.
Тој апелираше до сите поединци и компании да аплицираат со квалитетни проекти за да бидат финансиски поддржани од Владата, нагласувајќи ја важноста на иновациите и претприемачкиот дух за развојот на државата и нејзината економија.