Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Приштина ќе учествува на традиционалниот годишен работен состанок на министрите за земјоделство на Југоисточна Европа.
На дводневниот шести министерски состанок, домаќини ќе бидат Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово и Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (СЊГ).
Состанокот ќе го отвори премиерот на Косово, Хашим Тачи, а ќе го води косовскиот министер за земјоделство, шумарство и рурален развој Блеранд Ставилеци, кој воедно ќе го преземе и претседавањето со СЊГ од својот македонски колега, министерот Љупчо Димовски.
Главна цел на средбата, на која освен министерските делегации од регионот, ќе присуствуваат и претставници на Европската комисија, ФАО, ГИЗ и други донаторски институции, е да се дискутира за регионалната соработка и реформите во секторот за земјоделство и рурален развој во насока на ЕУ интеграциите и претпристапната помош.
Преку дискусијата за реформите на Заедничката земјоделска политика и политиката за рурален развој на ЕУ за периодот 2014-2020, министрите подетално ќе се навратат кон заклучоците што беа донесени на регионалниот Форум за земјоделска политика што минатиот месец се одржа во Охрид под покровителство на министерот Димовски, а тоа се пред се стратешките предлози за идната регионална соработка во рамките на платформата на Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (СЊГ) како и соработката во регионот на Југоисточна Европа преку концептот на територијален развој.
Во рамки на состанокот предвидена е и посета на неколку земјоделски претпријатија и преработувачки капацитети во Косово.
Постојаната работна група за регионален рурален развој (СЊГ) е меѓународна, меѓувладина организација која ги вмрежува владините институции одговорни за рурален развој во повеќе земји од Југоисточна Европа. СЊГ платформата е формирана во јуни 2005 година на Форумот за земјоделски политики што се одржа во Република Македонија и Република Србија. Цел на СЊГ е обезбедување на конструктивна и постојана соработка меѓу министерствата за земјоделство во рамки на нивните одговорности кои ги имаат во тековниот процес на интеграција кон ЕУ.