Во Велес на 9. и 10. јуни ќе се одржат 53-те Рацинови средби

Од:

Рациновите средби, традиционалната културна манифестација посветена на Коста Солев Рацин во неговиот роден Велес, по 53 пат годинава ќе се одржат на 9 и 10 јуни, соопшти денеска на прес-конференција Васил Зафирчев претседател на организациониот одбор на манифестацијата.

Како што појасни Зафирчев во официјалната програма се понудени содржини кои се како новина беа воведени изминатите две години.

– Целта е Рацин да се претстави како автор и личност и на помладата популација,како и да се анимира стручната јавност. Наша интенција е тоа што како новина беше промовирано во минатогодишното издание, да стане традиција, и со нив книжевната и академска јавност, граѓаните да го честуваат името на големиот Рацин, потенцира Зафирчев.

Свеченото отворање на Рацинови средби ќе биде на платото пред Спомен Костурницата од НОВ на 9 јуни – четврток во 21,30. Вечерта ќе биде одржан традиционалниот поетски митинг и спектакуларен балетски перформанс на Олга Панго.

На 10 јуни проф. Елизабета Шелева од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како новина на средбите, ќе води разговор на тема „Љубовната поезија на Рацин“. На завршната вечер освен портретите на добитниците на Рациновото и Почесното Рациново признание ќе има концерт на духовна музика во изведба на градскиот црковен хор „Св. Пантелејмон“.

Како дел од содржините под Градскиот Саат во Велес ќе биде промовиран муралот 2Ленка и тутуноберачите“ слика на ѕид кој го цртаат учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“.

Попладнето на 9-ти јуни е веќе традиционалното засадување на млади дрвца од страна на писатели учесници на средбите во таканаречената ,,Рациновата шума“ покрај скалилата што водат кон Спомен Костурницата. Во рамки на програмата ќе се одржи и традиционалната процесија ,,Илјада свеќи за Рацин“, а која ќе почне од родната куќа на Рацин во стариот дел на Велес.

Зафирчев појасни дека за наградата Рациново признание на конкурсот годинава пристигнале 18 прозни дела, кои се издадени помеѓу двете манифестации, а една апликација била отфрлена бидејќи согласно правилникот наградата се доделува само на жив автор.

– Жири комисија Димитрие Дурацовски како минатогодишен добитник и Јелена Лужина и Елизабета Шелева, добитникот ќе го објават на 6-ти јуни,информира Зафирчев.

За наградата „Антологија на болката“ востановена минатата година, а за најдобра дебитантска збирка на досега необјавуван автор, досега пристигнати биле исто така 18 стихозбирки со љубовна поезија, но пет од стихозбирките не влегле во конкуренција бидејќи не биле дебитанстки. Добитникот на оваа награда ќе биде соопштен на прес конференција идниот петок.

Инаку, оваа награда се доделува заедно со издавачка куќа ,,Култура“, а стихозбирката ќе биде испечатена и промовирана во рамки на Рациновите средби.

Како и во изминатите години претставници на манифестацијата Рацинови средби, на Општина Велес и на Сојузот на борци на 13 јуни на денот на погибјата на Рацин, традиционално ќе го посетат споменикот во чест на Рацин,кој се наоѓа на Лопушник кај Кичево.

Би можело да ве интересира

Завршија 58. Рацинови средби со доделување на признанијата на годинашните лауреати

A1on

Во Велес свечено отворени 58. Рацинови средби

Ана Ололовска

Во Велес свечено отворени 57-те Рацинови средби

А1он

Во Велес денеска почнуваат 57-те Рацинови средби

Ана Ололовска

Томислав Османли и Виктор Фридман се добитници на годинешното Рациново признание

Жарко Настоски

До 1 август отворен конкурсот за наградата „Рациново признание“ за 2020

Ана Ололовска