Основниот суд во Струга денеска ќе ги изрече пресудите во повторениот судски процес за случајот „Пливалиште“, јавува Охридњус.
За трагичниот настан во кој од струен удар на отворен шанк кој работел без дозвола загинаа тројца стружани, обвинети се Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески.
Тие претходно беа осудени на вкупна затворска казна од 10 години и 4 месеци. Во ноември минатата година Апелациониот суд во Битола расправајќи по жалба на обвинетите ја укина оваа пресуда и предметот го врати на повторно судење.
За разлика од првиот обвинителен акт, со кој обвинетите требаа да одговараат за соизвршителство и вина од свесна небрежност, во повторениот судски процес што започна пред околу девет месеци, обвинителството го смени обвинителниот акт и според него, тројцата обвинети треба секој за себе да одговара за сторено кривично дело од несвесна небрежност.
– Сметам дека и во оваа повторена постапка, посебно делот на доказната постапка и распитот на повторените прашања до вештакот не видовме никаде матерјален доказ. Не видовме ниту броило, ниту фенер, ниту електрична инсталација, што значи дека уште во првиот момент на критичниот настан не се обезбедени такви докази со кои ќе се утврди објективно што се случило во однос на немилиот настан каде имаме жртви. Сметаме дека се работи за несреќен случај, изјави адвокатот Ставре Џиков, застапник на првообвинетиот Цвете Вранишкоски.
Трагичниот настан на отворениот шанк во комплексот „Пливалиште“ во Струга се случи на 11-ти септември 2010 година, кога поради необезбеден кабел настрадаа стружаните Јосиф Докоски, Киро Ѓоргоноски и Јонче Кувенџиески.