Сто и седум филмови во 11 дена, од денеска до 25 ноември, ќе понуди 11. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“, со проекции во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.
Десет наслови од млади европски автори се во официјалната конкуренција, седум во програмата Синебалкан, пет во селекцијата МК&ЕУ (европски филмови во кои учествуваат режисери, сценаристи, актери, продуценти од Македонија) и 40 гала-премиери од познати режисери и победници на големите фестивали, за 40-те години постоење на Младинскиот културен центар, организаторот на „Синедејс“.
Мотото годинава е „Исплакни ја сапуницата од себе, помалку сапун, повеќе филм“ избрано поради „опсадата од сапуници“ на телевизиите.
Фестивалот ќе почне во „Милениум“ со германско-унгарскиот филм „Вратата“, од програмата на гала-премиери, а официјалното отворање е во вечерниот термин со словенечкиот „Шангајски циган“ во која главниот лик го игра македонскиот актер Висар Вишка. Овој филм е во селекцијата МК&ЕУ, како и филмот за затворање – „Кога ќе се раздени“ на српскиот режисер Горан Паскаљевиќ, во кој играат Зафир Хаџиманов и Мето Јовановски, и со музика на Влатко Стефановски.
Во програмата „Земја во фокусот“ оваа година е кинематографијата на Египет и ќе бидат прикажани документарни филмови за Арапската пролет. Нивни селектор е Шериф Авад, филмски уредник на списанието Egypt Today, кој е и член на жирито за официјалната конкуренција.
Во жирито се и македонскиот режисер Вардан Тозија и Јан Харлан – продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик, кој е меѓу ѕвездите на „Синедејс“, заедно со Андреас Дресен, големото име на германската кинематографија.
„Синедејс“ ќе има и неколку музички документарци, кратки филмови од македонската продукција, првпат и поетски филмови, остварувања на млади италијански режисери, како и придружни настани – работилници и концерти, меѓу кои на Тони Китановски и Черкези оркестарот за отворањето вечер и настапот на „Беи д фиш“ на 24 ноември во МКЦ.
Буџетски фестивалот е поддржан со околу 1,5 милион денари од Министерството за култура, Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје а, поголем дел од трошоците се покриени со приходите во „Милениум“ и МКЦ.