Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше богата работна агенда во седиштето на НАТО во Брисел, каде оствари билатерални средби со помошникот-државен секретар на САД за европски и евро-азиски прашања, Викторија Нуланд, како и со шефовите на дипломатиите на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, на Турција Мевљут Чавушоглу, на Унгарија Петер Сијарто на Грција Никос Коѕијас, како и со Даниел Митов шефот на дипломатијата на Бугарија.
По овие средби, шефот на македонската дипломатија учествуваше и на состанокот на Северно-атлантскиот совет на НАТО во рамки на земји-партиципиенти во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, јави дописникот на МИА од Брисел
Во изјава за МИА по средбите со еворпските шефови на дипломатиите, министерот Попоски нагласи дека евро-атлантската агенда и домашните политички случувања биле главна тема во дискусиите.
– На денешните билатерални средби со моите колеги од САД, Германија, Унгарија, Турција, Грција и Бугарија раговаравме за нашата европска и евро-атлантска агенда. Аспирациите на Македонија се час поскоро да бидат остварени ветувањата што со години наназад ги имаме добиено од двата клуба за отпочнување на процесот на преговори со Европската унија и за членството во НАТО, што веќе подолго време се одложува. Во изминатиот период станавме на некој начин и жртва на дискусии што во определен временски рок ни ги оддалечуваат тие амбиции, односно го одложуваат периодот кога тоа може да се случи, вели Попоски.