Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја разгледува можноста да испрати вооружена полициска мисија во источна Украина, за да помогне во спроведувањето на локалните избори во регионите под контрола на сепаратиситите, поддржани од Русија.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер во интервју за АП, чии делови пренесува БТА, изјави дека Организацијата може да испрати стотици полицајци, кои може да бидат вооружени, за да се гарантира дека гласањето ќе мине во мирна атмосфера.
– Тоа би било полициска операција со цел да се помогне во одржувањето на мирот и редот во тој регион и создавањето безбедни услови за одржување на изборите, додаде тој.
Согласно Минската спогодба, Украина треба да спроведе локални избори во две области во источниот дел на земјата, но напредокот во прекинот на двегодишниот конфликт, во кој загинаа над 9.300 лица е мошне бавен.
Москва тврди дека Украина треба да ги усвои законите, неопходни за одржување на изборите, додека Киев инсистира дека сепаратистите треба прво да ги прекинат сите непријателски дејствија и да го повлечат оружјето, а Украина да воспостави контрола на границата со Русија.
Заниер додаде дека полициската мисија, за која повика украинскиот претседател Петро Порошенко може да работи заедно со локалната полиција во регионите Доњецк и Луганск за спречување на криминални дела и за помагање на меѓународните набљудувачи за време на изборите.