Повеќе склучени бракови, а помалку разведени се регистрирани во минатата година. Според објавените податоци на Државниот завод за статистика бројот на склучени бракови во 2015 година изнесува 14.186 и е за 2,7 проценти повеќе во однос на претходната година.
Бројот на разводи во 2015 година изнесува 2.200 и бележи намалување од 0,5 отсто.
Најмногу бракови, 1.844 или 13 отсто, се склучени во август, а најмалку, 702 или 4,9 отсто, во март. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92,6 отсто за жените и 91,2 отсто за мажите. Во втор брак, со учество од 8,1 отсто и во трет брак, со учество 0,7 отсто во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Просечната возраст при склучување прв брак е 26,2 години за невестата и 29 години за младоженецот.
Најмалку бракови, 74 или 3,4 отсто, во текот на годината, се разведени во август, а најмногу, 205 или 10,5 отсто, во декември.
Според траењето на бракот, најголем број разводи, 498, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.