Министерствотото за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги отфрли денешните обвинувања на дополнителниот заменик-министер Љупчо Николовски.
Во писмената реакција, МЗШВ потсетува дека министерот Михаил Цветков веднаш по стапувањето на должност формираше посебна комисија за „јапонската помош“.
– Бидејќи се работи за обемен материјал, а имајќи предвид дека средствата за јапонската помош се реализирани преку неколку јавни повици, почнувајќи од 1997 година, потребен е подолг период за прибирање валидна документација. Комисијата е при крај со работата, што значи дека наскоро ќе се има целосен увид во документацијата, по што и ќе ги објавиме официјалните информации, наведува Министерството.
Според МЗШВ, најголемите злоупотреби на „јапонската помош“ се направени во периодот 2002-2004 година, кога министер за земјоделство бил Славко Петров од СДСМ. – Во тој период, Владата предводена од СДСМ додели 50-ина трактори на нивни блиски, без за тоа да постои валидна документација, стои во реакцијата на МЗШВ.