Инфоден за „Креативна Европа-потпрограма Култура„ и „Европа за граѓаните“

Од:

Заинтересирани граѓани и претставници на организации од културата и образованието денеска во ЕУ Инфоцентарот во Скопје се информираа за програмите „Креативна Европа-потпрограма Култура„ и „Европа за граѓаните“.
Инфоденот беше организиран во рамки на одбележувањето на 9 Мај-Денот на Европа. Информации за овие програми на ЕУ, споделуваа претставници на министерствата за култура и образование.
„Креативна Европа“ е една од програмите на Унијата која што од 2014 се спроведува во Република Македонија, а во 2015 година земјата е вклучена и во програмата Медиа. Надлежен орган за спроведување на овие програм е Министерството за култура.
– Програмата е наменета за културните и креативните сектори, природно продолжување на програмата за култура 2007 – 2013 на ЕУ. Направени се некои промени во приоритетите, целите на програмата. Главен трансверзален приоритет не само на култура туку и на Медиа програмата е развојот на публиката, истакна Билјана Прентоска од Министерството за култура. 
Информираше за структурата на програма култура и за начинот на којшто можат да аплицираат.
– Конкретно за проекти за културна соработка. Во оваа категорија станува збор за копродукциски проекти. Нашите културни оператори и операторите од културниот и од креативниот сектор, меѓутоа и од аудиовизуелниот сектор,  доколку сакаат да учествуваат во рамки на вакви проекти, мора да кокреираат вакви копродукциски проекти со партнери од Европа односно од оние земји што се вклучени во програмата, а засега се 37 земји вклучени во оваа програма, објасни Прентоска. 
Крајниот рок за аплицирање во оваа категорија е 5 октомври 2016, а токму затоа, како што рече, е време да се подготват потенцијалните корисници да се вклучат во некои европски проекти. Досега се одржани повеќе инфоденови и индивидуални состаноци со потенцијални апликанти, а планирани се и за следните месеци. 
Вкупниот буџет за целата програма Креативна Европа изнесува 1,46 милијарди евра,  31 отсто за подпроектите од култура, а 70 отсто од нив на годишно ниво се одвојува за проектите за културна соработка.   
За овие средства можат да конкурираат организации кои се правно регистрирани во Република Македонија, да докажат дека во последните две години реализираат активности во секторот култура, а исто така, како што појасни Прентоска, треба да имаат и оперативни и финансиски капацитети бидејќи подпрограмата култура и овие грантови од ЕУ не значат чисто целосно грантирање на проектите туку 50 отсто од средствата треба да се обезбедат од други извори. За краткорочните проекти односно за 48 месечните проекти кофинансирањето на ЕУ е до 200 илјади евра, а за поголемите и покомплексни проекти кофинансирањето е до два милиони евра за целиот проект.      
Изминатите две години се подржани 21 проект, од кои 12 се книжевни преводи, една платформа, а останатите проекти за културна соработка. 
Досегашното учество на македонските претставници во програмата „Европа за граѓаните“ 2007-2013 година,  е оценето како доста успешно со над 60 финансирани проекти.
Во рамките на програмата „Европа за граѓаните“ 2014-2020 година, ќе се финнсиираат проекти предвидени на годишно ниво од кои дел ќе бидат насочени кон активности за европско сеќавање, како и активно демократско учество на граѓанскиот сектор во демократскиот живот на Европа.
Програмата е наменета за невладини организации, локалната самоуправа, истражувачките институции кои се од непрофитен карактер. Фокусот на програмата е свртен кон поединецот, претставен преку овие здруженија, кои имаат право да аплицираат за проекти и грантови во рамките на програмата. Идејата е зајакнување на улогата на граѓаните на Унијата во креирањето на политиките на ЕУ, демократскиот ангажман на граѓанството, како и историското сеќавање на втората светска војна и слично.
Интересот за учество во програмата е доста голем, пред се од страна на општините и здруженијата на граѓани, посочуваат од Министерството за образование, кое е одговорно тело за оваа програма во Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза