Стратешките цели на државата, евроатланските интеграции и актуелните случувања поврзани со политичката криза во Македонија беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и пратеничката од Европскиот парламент Маријана Петир.
Во поглед на интеграциските процеси, информираат од партијата, Груевски посочи дека стратешки интерес е членството во Европската унија и НАТО и оти континуирано се преземаат чекори поврзани со реформската агенда во насока на исполнување на критериумите. Тој се заблагодари за ангажманот и посветеноста на неформалната група на пријатели на Република Македонија која дејствува во Европскиот парламент, а чиј претседател е токму Петир.
– Во однос на политичката криза Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е силно насочена кон изнаоѓање на решенија и начин за излез од таквата состојба. Тој посочи дека најсилен интерес на граѓаните е таквата криза наметната од СДСМ да биде што побрзо надмината и да се врати државата на патеките на економскиот развој и прогрес. Истовремено на тој план треба да биде почитувана и волјата на граѓаните како најсилен критериум и оценка во дејствувањето на политичките субјекти во државата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Европратеничката Петир посочи дека е потребно придржување до договорот од Пржино и преземените обврски од него, притоа истакнувајќи дека изборите се начинот за излез од политичката криза. Таа акцентираше дека потребно е да се почитува волјата на граѓаните и на легитимен начин таа да се изрази на избори.