Никаде не се штрајкува, ниту пак било каков протест има од страна на осудени и притворени лица, изјави за МИА директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гавриловска.
– Во изминатиот период во одредени електронски медиуми се лиферуваа некакви информации дека се подготвува некаков протест. Информациите беа наменети исклучиво за поттикнување одредени нарушувања на безбедносната состојба во установите, вели таа.
Додава дека и одредени изјави од поединци или од невладини организации се насочени во таа насока.
– Внатре во затворите, во казнено-поправните установи во Република Македонија ниту осудени, ниту притворени лица најавуваат, организираат или во моментов се одвива каков било протест. Се работи за манипулативни информации, истакна Гавриловска.
Директорката на Управата за извршување санкции нагласува дека се се одвива најнормално, безбедносната состојба е нормална и оти нема никакви случувања од овој вид.
– Осудените лица се дистанцираат од овие информации кои што се пуштаат. Апсолутно е јасна целта на информациите. Се цели кон нарушување на безбедносната состојба во овие установи која што Кривичниот законик ја регулира, се предвидува кривично дело за поттикнување на бунт во КПУ, па препорачувам секој оној којшто мисли на тој начин да го има тоа предвид, додава Гавриловска.