Нема имагинарни непријатели, нема никакви задни намери во овој протест, освен чесните намери од оваа држава и од ова општество да се направат здрави структури коишто можат слободно и нормално да се развиваат, вели Игор Мицевски од движењето Протестирам во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Деновиве дел од медиумите интензивно ве прозиваат да се декларирате, кој е всушност Протестирам, обвинувајќи дека се криете поради одговорноста за евентуалните инциденти. Што е всушност Протестирам, кој сè е таму?
Протестирам претставува една хоризонтална структура на слободни граѓани, ослободени граѓани, коишто решиле да застанат во одбрана на основните принципи на демократијата и тоа произлегува и од принципите коишто хоризонтално беа дискутирани и договорени да бидат промовирани. Принципите се следниве: движењето се обединува против авторитарниот режим на Никола Груевски, движењето стои зад принципите на немонополизација, односно дека никој нема право на негов монопол поради тоа што тоа е движење на граѓаните за демократизација и третиот, исто така многу битен принцип е принципот на ненасилство. Така што, кога зборуваме за Протестирам, зборуваме за сите граѓани кои секој ден во шест се собираат да протестираат во одбрана на овие принципи и уште повеќе, сите што веруваат во тие принципи се добредојдени да се појават на протестите. Околу моментот со криењето зад нешто, Протестирам не се крие зад ништо, односно луѓето што излегуваат на протести не се кријат зад нешто, еве ќе видите, никој не се појавува со маски на протестите, туку сите одат таму со својот индивидуален идентитет, со својот лик и име и презиме и напротив, не се кријат, туку преземаат одговорност за општествените проблеми. Она што не им е јасно на пропонентите на режимот е како наеднаш оваа група граѓани или овие неформални групи граѓани, обединети под Протестирам, застанаа заедно зад овие принципи, а јас овде само можам да кажам дека застанувањето зад принципите е всушност воспоставено чувство кај сите овие граѓани дека можат и мораат да кажат нешто за да ја променат политичката ситуација во којашто се наоѓаме.