Црвен крст – Куманово почна со доделувањето пакети со храна за ранливите категории граѓани во тој град, како и во општините Липково и Старо Нагоричане.
Пакетите со храна и хигиенски средства се собрани во рамки на Неделата на солидарноста, кога се прибрани средства за изработка на дваесетина пакети со храна.
– Овие пакети се делат на најзагозените, инвалидизираните лица кои навистина имаат потреба од помош. По пет пакети ќе се поделат на социјално ранливите категории од општините Липково и Старо Нагоричане и десет пакети на граѓани од Куманово, изјави Сања Росевска од Црвениот крст – Куманово.
Во акцијата се вклучија претпријатијата и граѓаните. Годинава наместо собирање средства на градскиот плоштад, волонтерите од Црвениот крст ги повикаа граѓаните по реоните во сите населби од градот да се вклучат во акцијата и да даруваат.
– Не значи дека граѓаните мора да даруваат само во кампањите на Црвениот крст. Донации во секој момент се потребни за најранливите, рече Росевска.
Неделата на солидарноста годинава се одржа под мотото „Вашиот прилог – значајна помош“. Целта на кампањата е подигнување на свеста на населението за помош и поддршка на ранливите категории, развивање на чувство на хуманост, взаемност и солидарност кај граѓаните, посебно кај младата генерација за меѓусебната помош.