Во кратовското село Кетеново привршува градењето на повеќенаменско игралиште кое се очекува да биде пуштено во употреба за околу 20 дена. Местото каде што интензивно се гради игралиштето денеска го посети Марјан Спасески, директор на Агенцијата за млади и спорт, кој престојуваше во кратовскиот регион.
– Игралиштето се гради согласно утврдената динамика и во моментов се поставува жичаната ограда. Според информациите од изведувачот, за 20-ина дена жителите на ова кратовско село ќе добијат ново и модерно повеќенаменско игралиште, каде ќе можат да се практикуваат повеќе колективни и индивидуални спортови, изјави Спасески по увидот во градежните работи.
Информираше дека идејата за изградба на игралиштето дошла пред неполни две години на една средба со локалните жители.
Спасески посочи дека само преку Агенцијата за млади и спорт во изминатите неколку години во општината Кратово се инвестирани повеќе од 33 милиони денари – за изградба на тениски терен, повеќенаменеско игралиште во селото Крилатица, фудбалски терен со вештачка трева „Мусала” и за повеќенаменското игралиште во селото Кетеново. За следната година предвидена е изградба и на едно игралиште за уличен баскет.
– Изградбата на повеќенаменските игралишта, кои се дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава, се одвива со одлична динамика. Досега од овој проект изградени се вкупно 56 игралишта, а во моментов во фаза на реализација се 22 нови, соопшти Агенцијата, наведувајќи и дека во изминатите неколку години преку АМС се изградени 222 спортски објекти за што се инвестирани околу 43 милиони евра.