Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се сретна со Делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која е во предизборна мисија за предвремените парламентарни избори во Република Македонија. Делегацијата е предводена од страна на Штефан Шенах, пратеник од Социјалистичката група на Австрија.
Како што соопшти Собранието на Република Македонија, Вељаноски на членовите на делегацијата им ги претставил актуелните случувања во државата по својот хронолошки развој, како и својата улога и улогата на Собранието во целата политичка сцена. На средбата, како што се наведува, се разговарало за правната рамка во која се развиваат и би се оддржале предвремените парламентарни избори.
Вељаноски укажал дека Собранието треба да е дел од сите преговори преку кои се води дијалог од кој произлегува договор, и, како што се наведува, потенцирал дека отсуството на Собранието во преговорите е голем недостаток во разрешувањето на политичката криза во државата имајќи предвид дека реализирањето на договорот во најголем дел се одвива преку Собранието.
Според соопштението, тој потенцирал дека според уставно-правната регулатива во моментов не постои можност за свикување собраниска седница и укажа дека сите политички фактори треба да си преземат одговорност и да покажат зрелост во однесувањето.
Членовите на делегацијата се интересирале за конкретни прашања кои се однесуваат на одржувањето на изборите на 5 јуни и евентуалниот бојкот на опозицијата на предвремените парламентарни избори.
Во состав на Делегацијата на ПССЕ се Франк Јенсен, пратеник од Европски народни партии на Норвешка, Ерик Нилес Крос, пратеник од Алијансата на либерали и демократи за Европа на Естонија, Том Пацкален, пратеник од Групата на европски конзервативци на Финска, Андреј Хунко, пратеник од Група на обединета европска левица на Германија, Лиза Кристорферсен, пратеничка од Групата на Социјалисти на Норвешка и известител на пост мониторинг дијалог со Република Македонија и Валериј Гилечи, пратеник од Група на Европски народни партии Молдавија и известител на пост мониторинг дијалог со Република Македонија.