„Демократскиот сојуз повикува на разумно и одговорно однесување од државно политичкиот врв, како и од лидерите на политичките партии, за да не се наруши стабилноста на државата и нормалното одвивање на животот.
Демократскиот сојуз оценува дека постои општ граѓански консензус, за две клучни работи:
да се одложат изборите и да се повлече аболицијата.
Укажуваме дека нема Уставни и законски пречки да се свика Парламентот, при што, ако Трајко Вељаноски, не сака да го свика, тоа можат да го направат самите пратеници и Парламентот да донесе одлука за одлагање на изборите.
Имено согласно член 15 став 4 од Изборниот законик, мандатот на пратениците трае се до конституирање на Парламентот во нов состав.
Исто така нема уставни и деловнички пречки за свикување на седница на Парламентот, но во праксата по самораспуштање, тој не заседава, за да не се користи за предизборни цели, но и натаму е во постојано заседание, што е предвидено и со член 66 став 1 од Уставот на Р. Македонија и член 5 став 1 од Деловникот на Собранието.
Во врска со аболицијата на корумпираните политичари, која е и спротивна на Уставот и законите, но и на здравиот разум, Ѓорге Иванов, може да ја повлече одлуката за аболиција, со нова одлука.
Демократскиот сојуз ги повикува сите граѓани да направат се што е во нивна моќ, протестите да се одвиваат на мирен начин, како демократски чин на искажување на незадоволство.
Воедно апелираме до медиумите (посебно провладините), објективно да информираат и да не учествуваат во создавање на атмосфера на страв и несигурност кај граѓаните“, соопштуваат од ДС.