„Денес, УСАИД го предаде на Општина Богданци новоизградениот резервоар за водоснабдување. Резервоарот е изграден во рамките на Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија. Новиот општински резервоар е со запремнина од 500 метри кубни и ќе ѝ овозможи на заедницата поквалитетно водоснабдување.
Изградбата на новиот резервоар го решава долгогодишниот проблем со водоснабдување за повеќе од 6,000 жители на Општина Богданци, кои се соочуваат со недостиг на вода, како директна последица од климатските промени. Дополнително, со оваа адаптивна мерка се зголемува отпорноста на Богданци кон влијанијата на климатските промени преку намалување на потрошувачката на електрична енергија и зголемување на енергетската ефикасност на целиот систем за водоснабдување, намалувајќи го јаглеродниот отпечаток на Oпштина Богданци.
Според УСАИД, ова е значаен чекор кон обезбедување долгорочно влијание на напорите на сите општински чинители кои беа вклучени во проектот врз градењето на отпорност кон климатските промени, како и совладувањето на други граѓански предизвици на локално ниво.
Преку Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени УСАИД придонесе со 6.142.129 денари за граѓаните на Општина Богданци за овој проект. Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени е четиригодишна иницијатива која им помага на многу општини да се справат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени. Со примена на иновативниот метод “Зелена Агенда” проектот ги обединува граѓанските организации, граѓаните и општинските органи за да развијат акциони планови, засновани на консензус, кои се однесуваат на специфичните прашања за климатските промени, со кои се соочуваат нивните заедници и со цел да работат заедно кон ублажување на нивните ефекти. Поттикнувајќи отпорност кон климатските промени, проектот го зајакнува граѓанското општество со стимулирање на граѓански активизам. Активностите се фокусирани на десет општини: Пехчево, Теарце, Богданци, Кривогаштани, Маврово/Ростуша, Боговиње, Студеничани, Виница, Делчево и Прилеп. Американскиот народ, преку Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, ќе инвестира вкупно 2,8 милиони долари за локални активности во овие општини во периодот помеѓу 2012 и 2016 година“, се вели во соопштението на УСАИД.