Нигериската исламистичка група Боко Харам објави нова видео снимка, на која наводно се некои од 276-те девојчиња, кои беа киднапирани на денешен ден пред две години во градот Чибок.
Видео-снимката е снимена најверојатно во декември минатата година и испратена до Владата во Нигерија, а на неа се прикажани 15 девојчиња во црна облека, кои се претставиле како ученички киднапирани од училиштето.
Некои од девојчињата биле препознати од нивните родители, јави Би-Би-Си. Ова е прва снимка на девојчињата од мај 2014 година.
По киднапирањето на 276-те девојчиња покрената е глобална кампања преку социјалните мрежи „Вратете ни ги девојчињата“, во која се вклучија голем број познати личност, меѓу кои и Мишел Обама.
Се очекува во текот на денот на улиците на Абуџа, главниот град на Нигерија, да излезат стотици родители, кои од Владата ќе побараат поголем ангажман за пронаоѓање на девојчињата.
Екстремистите на Боко Харам нападнаа училиште во државата Борно на 14 април 2014 година, кога ги киднапираа девојчињата.