Ако државата ги укине субвенциите, македонските хотелиери не се подготвени да опстанат. Не инвестираат во ништо. Немаат спа центри, сауни, фитнес клубови,…, собите не се реновирани. Затоа домашните туристи повеќе одат во Грција и Бугарија, наместо во Охрид, Струга, Маврово, Попова Шапка,…
Ова е оценката на Туристичко-угостителската комора при Сојуз на стопански комори (ССК) која и натаму останува на иницијативата туристичките агенции да депонираат банкарска гаранција од 100.000 евра ако сакаат да ја зголемат довербата кај граѓаните.
Комората, сепак, очекува бројот на туристи годинава да биде поголем од лани за 10 до 15 проценти и тоа, како што нагласи нејзиниот претседател Аркан Керим, веќе се остварува, а го потврдуваат и бројките од првите месеци.
– Македонија мора да го зголеми квалитетот на туристичките услуги, но и сериозно да поработи на привлекувањето на домашните гости. Нашите хотели, конкретно во Охрид, во ништо не инвестираат. Немаат спа центри, сауни, фитнес клубови,…, собите не се реновирани. Не може така. Тоа ќе го покаже сега и претстојниот празник, Први мај, кога 150.000 – 200.000 македонски граѓани ќе отидат во Грција, рече Керим денеска на прес-конференција.
Во овој контекст потсети дека минатата година 470.000 македонски туристи биле во Бугарија, наместо да одат во некои од нашите туристички центри.
Барањето за давање банкарска гаранција од 100.000 евра во Министерството за економија е земено предвид и се очекува, нагласи Керим, во најскоро време, пред летната сезона, да биде усвоено.
– Кој сака да работи квалитетно и чесно, нека плати 100.000 евра на државата со што ќе гарантира дека нема да измамува патници, да ги остава на улица наместо во хотелите. Само на тој начин може да има ред и да се спречат какви било измами зашто луѓето многу лесно губат доверба во агенциите. Два случаи на измама и туристите губат доверба, потенцира претседателот на Туристичко-угостителската комора.
Одговорајќи на новинарско прашање, истакна дека и најмалите превирања во земјата, лошо се одразуваат врз туризмот, многу лесно влијаат на странските гости при избирањето дестинации.
– Ако се случат некои поголеми проблеми, а траат само три дена, тогаш Македонија најмалку пет години ќе ја снема од туристичката мапа и не ќе може да се врати што и да направиме, нагласи Керим.
Посебно се осврна на мигрантската криза со напомена дека во вакви случаи е многу битен начинот на медиумското информирање. – Многу е важно како медиумите ги пренесуваат случувањата. Лесно може да се создаде лоша слика, да се добие погрешен впечаток дека мигранти шетаат во Скопје, а ние воопшто не сме ги почувствувале. Тоа влијае врз одлуката на потенцијалните туристи кои сакаат да ја посетат земјава, посочи претседателот на Комората.
Македонија најмногу ја посетуваат холандски туристи, со седумдневни аранжмани. Лани дошле 16.000. Годинава, со оглед на тоа што, поради актуелните случувања, Турција и Египет не се во игра, Македонија, оцени Керим, може да привлече барем 100.000 туристи од потенцијалните 20 милиони кои досега оделе во овие две земји.
Проблем на македонскиот туризам и натаму е недостигот на квалификуван кадар за што Комората предлага отворање нови стручни училишта и обезбедување дополнителни обуки од страна на хотелиерите и угостителите. Секторот, како еден од најбрзорастечките во економијата, ќе мора да се прилагоди и на најновиот светски тренд – дигитализацијата, која предвидува букирање преку мобилни телефони иако ова, според ССК, е многу скапа инвестиција.