Панамската полиција синоќа започна претрес во канцелариите на адвокатската фирма „Мосак Фонсека“, што се наоѓа во центарот на скандалот со избегнување даноци, познат како „Панамски документи“, пренесуваат француските медиуми.
Во моментов се прави преглед и се претресува седиштето на „Мосак Фонсека“ во панамската престолнина, соопшти синоќа Обвинителството и дополни дека ваквите операции се во тек и во филијалите на фирмата.
Седиштето на фирмата бешее опколено од полиција, а пред него беа собрани десетици новинарски екипи, кои чекаа официјални изјави.
Финансискиот систем на Панама стана цел на остри критики по протекувањето на документите кои откриваат како „Мосак Фонсека“ ги создавала офшор фирмите на илјадници клиенти низ светот. Во овој голем систем за избегнување даноци се замешани политички лидери, спортисти и милијардери.