Повеќе од 20 македонски уметници и интелектуалци досега ја потпишаа Петицијата против коруптивната уметност, тоталитарниот режим, општество кое го задушува креативниот и критичкиот порив на уметникот да твори слободно.
„Општество во кое уметниците ги поддржуваат човековите права и слободи неминовно е бунтовно и покажува повеќе отпорност кон назадните, криминалните и автократските тенденции. Уметниците се дел од општествената гласност и постојано трагаат по повеќе правда, слобода, еднаквост и демократија за сите луѓе подеднакво, без оглед на нивното потекло, припадност или социјален статус“, се вели во заедничката изјава „Уметниците за човекови права“.
Својот потпис на Петицијата досега го ставија: Ристо Лазаров, Петар Арсовски, Петрит Сарачини, Бојан Иванов, Џабир Дерала, Дороти Пачкова, Владимир Милчин, Савка Тодоровска, Биљана Јордановска, Биљана Еверет, Љуљета Адеми, Оливера Доцевска, Лидија Димова, Евгенија Димов, Ема Маркоска Милчин, Никола Спировски, Илија Јованов, Гоце Маркоски, Велиу Џејлан, Емрах Реџепи, Лидија Цаковиќ Мојсоска, Валентин Димановски, Фросина Митрушева и Никола Угриновски.
„Уметниците во Република Македонија се повикани, повеќе од кога и да е, да го кренат својот глас во одбрана на човековите права и слободи, а против автократското владеење кое донесе мизерија и разградување на цивилизациските вредности, структурно насилство, изборни кражби и нелегитимно владеење на тесен круг моќници кои ги заробија општеството и државата.
Неискористувањето на позицијата да донесат позитивни промени во општеството, молкот пред неправдата и насилството, колаборационизмот со деспотските постапки на политичките и финансиските центри на моќта, ги прави уметниците соучесници во криминалното и автократско владеење во една земја.
Уметниците имаат моќ да му стават крај на ова лудило, само доколку ја согледаат својата моќ и вистински ја преземат својата улога која ја имаат во општеството. Со своите пораки за поддршка и застапување на човековите права, со солидарност и со поттикнување на дебатата, уметниците ја исполнуваат својата општествена улога и понесуваат одговорност за развојот на културата, образованието и медиумите во земјата“, се вели во Петицијата на уметниците против тоталитарното општество.
Оваа изјава ја подготви ЦИВИЛ – Центар за слобода, по повод тркалезната маса, како дел од мултимедијалниот настан „Уметниците за човекови права“, што се одржа на 29 март.
Цивил ги повикува сите уметници, интелектуалци, а пред сé засегнати граѓанки и граѓани, со потпишувањето на оваа изјава, да го направат првиот чекор и да упатат јасна порака дека тие се гласот на општествените промени кои со своите дела, одговорно, го трасираат патот кон слободата, еднаквоста, демократијата и почитувањето на човековите права.
Изјавата може да се потпише со испраќање кратка порака на поддршка на [email protected] или на ФБ страницата на ЦИВИЛ.