Врховниот суд на Венецуела ја отфрли амнестијата на затворените лидери на опозицијата, што претходно ја прогласи Парламентот, во кој мнозинството сега го имаат опозициските партии.
Во образложението на Судот, кој е под политичка контрола на претседателот Николас Мадуро и неговата социјалистичка Влада, се вели дека законот за амнестија „не е во согласност со Уставот“ на земјата.
Судот оцени дека со законот биле опфатени лица кои извршиле „криминал“, а не политички затвореници затоа што „такви нема во Венецуела“.
Претходно, претседателот Мадуро остро ги критикуваше Парламентот и изгласаниот закон, тврдејќи дека со него се „прави обид за дестабилизација“ на неговата лидерска позиција.
Врховниот суд редовно ја поддржува Владата на Мадуро во сите случаи кои се најдоа за разгледување, откако во декември минатата година опозицијата убедливо победи на парламентарните избори.
Меѓу оние затвореници кои требаше да бидат ослободен од затвор со овој закон е и еден од лидерите на венецуелската опозиција Леополдо Лопез, кои е осуден на 13 години и девет месеци затвор откако беше обвинет за „потикнување насилство“.
Обвнителот во судскиот процес на Лопез, подоцна, побегна од Венецуела во странство, каде на новинарите им призна дека осудениот бил невин и дека неговото судење било само „политичка судска фарса“.
По одлуката на Врховниот суд, властите организираа манифестации за поддршка на судската одлука и на претседателот, обвинувајќи ја опоицијата дека ја дестабилизира земјата.
Мадуро го наследи на функцијата починатиот претседател Уго Чавез, кој себе си се прогласи за доживотен шеф на државата. Мадуро ја продолжува левичарската и социјалистичка политика во економијата, започната од Чавез користејќи методи на популизам и планска економија за да си обезеди поддршака на сиромашните слоеви во општеството.
Опозицијата и независни експерти тврдат дека тоа е причина за длабоката економска криза во земјата и за недостигот на многу основни производи, иако Венецуела е една од земјите со најголеми резерви нафта.