Киргистанскиот премиер Темир Сариев поднесе оставка, откако парламентарната комисија ја обвини Владата за корупција.
– Спорови и гласини го нарушија билансот во Владата, изјави Сариев.
Тој нагласи дека работата на Владата била забавена во мошне тежок момент и додаде дека планира да докаже дека тој и неговиот кабинет работеле чесно.
– Сите одлуки донесени од Владата беа законски и одговараа на интересите на државата, нагласи Сариев, кој ја означи одлуката на парламентарната комисија како неправедна.
Комисијата соопшти минатата недела дека кабинетот го нарушил законот, со тоа што лобирал кинеска фирма да ја добие државната нарачка за изградба на патишта во вредност од сто милиони долари. Компанијата не ја поседувала потребната лиценца.
Сариев изјави дека не го нарушил законот и побара од претседателот Алмазбек Атамбаев да го разреши министерот за транспорт Аргинбек Малабаев. Претседателот одби да го стори тоа.
Педесет и две годишниот Сариев стапи на должност во мај минатата година во момент кога киргистанската економија беше подложена на притисок поради рецесијата во Русија и намалувањето на економскиот раст во соседните земји, како Кина и Казхстан.