ЦИВИЛ: Финансиската полиција – инструмент за политички притисок

Од:

„Неодамнешната „посета“ на финансиската полиција на Граѓанската асоцијација МОСТ, која е една од највидливите организации за набљудување на изборите, ЦИВИЛ – Центар за слобода ја смета за директен политички притисок врз оваа организација.

Освен тоа што врши притисок врз организација која го набљудува изборниот процес, власта го злоупотребува овој механизам да испрати заканувачки пораки и до сите останати организации на граѓанското општество.

Со оваа постапка, само уште еднаш се покажува дека институциите се инструмент во рацете на владејачките партии за притисок и закана врз демократската јавност. Во други услови, фактот дека се истражува оваа организација за нешто што се случило пред подолго време, може да говори за неажурноста и неефикасноста на финансиската полиција.

Сепак, имајќи предвид дека оваа „посета“ се случува во екот на политичката криза, во денови кога се закажани избори без да се обезбедат ни минимум услови за нивно одржување и со оглед на критичките настапи на МОСТ во јавноста, оваа постапка на власта добива сосема поинаква димензија. Оттаму, нема друг начин да се протолкува оваа постапка освен како политички притисок, закана и обид да се блокираат демократските процеси во земјата.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓански организации, медиуми и граѓански структури кои се залагаат за демократија, да ја изразат својата солидарност и поддршка на МОСТ, бидејќи нападот врз една организација е напад на целата демократска јавност“, соопштуваат од ЦИВИЛ.

Би можело да ве интересира

Креативна работилница „Обединети против насилството“

Ана Ололовска

ЦИВИЛ предлага 8 март да биде прогласен за неработен ден за сите жени во земјата

ЦИВИЛ повика на засилен мониторинг на изборниот процес

Ана Ололовска

ЦИВИЛ: Не смее да се толерира насилство врз новинарите

Наум Локоски

ЦИВИЛ го застапува правото на глас и го набљудува референдумот

Ана Ололовска

Цивил центар за слободи: Некој ги заплашува граѓаните за референдумот

Наум Локоски