Активностите од проектот „Водоснабдување на лев брег, Крива Паланка – висока зона“ се во завршна фаза, а проектот се очекува да финишира за неполни два месеци, информира градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Околу 95 отсто од главниот доводен цевковод е завршен, а останува да се довршат работите на новиот резервоар.
– Останува да се доврши цевководот на потегот од гимназијата до главниот резервоар и да се постават главната плоча и изолацијата во резервоарот, додаде Алексовски.
Проектот опфаќа примарна мрежа во должина од 2.890 метри, со капацитет од 350 кубни метри, и секундарна мрежа со седум крака во должина од 2.480 метри.
– Со реализацијата на овој проект конечно ќе го решиме проблемот со водоснабдување на жителите од високата зона на левиот брег на Крива Река и тие повеќе нема да се соочуваат со недостаток на вода во летниот период, истакна Алексовски.
Тој рече дека проектот ќе биде завршен за околу два месеци, а со тоа ќе се стави крај на маките на паланчани по однос на водоснабдување кои, како што нагласи, траат со децении.
Проектот „Водоснабдување на лев брег, Крива Паланка – висока зона“ се реализира со финансии од 23 милиони денари преку Владата и Министерството за транспорт и врски, а градбата отпочна на 8 октомври 2015 година.
Дополнителна придобивка при реализацијата на проектот е пешачката патека во шумскиот предел од трасата на цевководот која ќе биде хортикултурно уредена, со урбана опрема, фонтани и чешми со вода за пиење и клупи за одмор.