Поголем број политички партии се децидни дека нема да излезат на избори на 5 јуни. Според нив, доколку нема целосно прочистен избирачки список и реофрми во медиумите, нивната партија нема да стои на избирачкото ливче.
Засега, за А1он бојкот на изборите потврдија Демократскиот сојуз, Унитети, Достоинство, ДОМ, како и коалициониот партнер на СДСМ, ЛДП.
– Опозицијата е подготвена за избори, но не одиме на избори кои повторно ќе бидат организирани на криминален начин.
Или слободни и фер избори, или власта нека си организира сама местења и лажирања.
Нека си владеат сами, со што формално ќе станеме како Северна Кореја, рече за А1он лидерот на ЛДП, Горан Милевски.
Според Павле Трајанов, без прочистен избирачки список и реформи во медиумите, Демократскиот сојуз нема намера да излезе на избори.
– Ние уште на конгресот решивме да не излеземе на избори. Мора да се прочисти Избирачкиот список и да има реформи во јавните гласила. Нема да се солидализираме со злоупотребата на гласови, рече лидерот на Унитети, Гзим Острени.
Информацијата дека нема да учествуваат на избори ја потврди и лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
Претседателката на ДОМ, Лиле Поповска, за А1он вели дека партијата не планира да учествува на изборите без прочистување на Избирачкиот список и без реформи во медиумите.
Таа вели дека ДИК се уште не си ја завршил својата работа.
Александар Тодески