Дополнителниот заменик-министер Љупчо Николовски уште еднаш покажа тотално непознавање на законите и прописите и продолжува да изнесува невистини во јавноста, се вели во демантот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оттаму појаснуваат дека во спроведувањето на тендерот за браната „Конско“ нема ништо не законски, ниту пак се надминале предвидените средства за градба. Напротив, како што посочуваат од МЗШВ, со негативната електронска аукција е постигната пониска цена од планираната.
– Министерството за земјоделство има одобрение од Владата добиено преку десетгодишната Програма за инвестирање во водостопанство со акционен план каде што се предвидени средства за изградба на оваа брана. Бидејќи договорот за изградба на оваа брана се уште е неактивен, а неговото започнување се очекува до крајот на 2016 година, Министерството побара повторна потврда од Владата за одобрување финансиски средства за реализација на овој проект, се наведува во демантот.
Од МЗШВ појаснуват дека во известувањето на министерот Цветков до Комисијата за јавна набавка, кое го покажува и Николовски, точно се наведени причините поради кои се предлага да се изврши евалуацијата на пристигнатите понуди, односно дека роковите се во согласност со тендерската документација.