Дојче веле – Бон
Наспроти крвопролевањето во Брисел и Париз, бројот на терористичките напади во Европа е помал од 70-тите години од минатиот век, но чувството на опасност од тероризам кај луѓето сепак е зголемено, објави радио Дојче веле.
По нападите во Париз и Брисел, за многу Европјани терористичките напади станаа пореални и поблиски од кога било.
Меѓутоа, ако се погледне историјата на тероризмот во Европа, а посебно во 1979 година во која во Европа се случија над 800 напади, тоа чувство, како што велат научниците од универзитетот Мериленд, можеби и не е реално.
Од 1970 до 1990 година над сто напади годишно беа правило.
За споредба, минатата година од европски агол, од нападите на сатиричниот магазин „Шарли ебдо‟ и серијата терористички напади во Париз на 13 ноември, беше многу црна. Но, тој голем број на жртви е исклучок во последните десет години, наведе ДВ.
Терористичките организации како што е ИРА во Ирска, баскијската ЕТА во Шпанија, комунистичката Црвена бригада во Италија и екстремно-левичарската Фракција Црвената армија (РАФ) во Германија, како и други неевропски терористички клетки, во 70-тите и 80-тите години ги ставаа на искушенија владите во европските земји.
Речиси секоја држава тогаш имаше сопствен тероризам, потсетува Ролф Тофоен, директор на Институтот за превенција на кризи од Есен.
Тој 30 години ги проучува меѓународните терористички движења. Разликите со денешниот тероризам се јасни, вели тој. Тероризмот во седумдесетите и осумдесетите години пред се бил политички мотивиран.
„Терористичките организации фиксираа одредени земји и немаше феномени на прекуграничен тероризам‟ – вели Тофоен. Меѓутоа, денес групи како Исламската држава или Ал Каеда, делуваат наводно од верски убедувања.
„Терористите не сакаат многу мртви, тие сакаат голема публика‟ – тоа го изјави Брајан Џенкинс во далечната 1975 година, американски научник кој го проучувал тероризмот.
Но, нападите на железничката станица во Болоња со 85 мртви и тој на американскиот авион над шкотскиот град Локерби во кој загинаа 270 луѓе, не се вклопуваат во таа слика. Терористите во 70-тите на нишан пред се ги имаа политичарите и индустријалците.
Сега се се промени од корен. Денес се пука и се фрлаат бомби. Филозофијата на теророт е дека сака трупови. Тие сакаат да убиваат и да ранат што повеќе луѓе – смета Тофоен.
И преговорите со државата се дел од минатото, како што беше на пример при киднапирањето на авион на Луфтханза во 1975 година.
Според податоците на универзитетот Мериленд, бројот на нападите во Европа од 1979 година е намален. Но, тоа не значи дека поради тоа автоматски има помалку мртви.
Така во бомбашкиот напад на регионалниот воз во Мадрид беа убиени 191 лице. Напаѓачи во тој случај беа исламистички терористи. По една година подоцна, во самоубиствен напад на исламистите во лондонското метро беа убиени 56 луѓе, а повредени над 700 од нив.
Иако претходно почесто се вршеа напади, експертите за тероризам сметаат дека зголемениот страв од тероризам во Европа е претеран. Поради најновите напади луѓето се плашат дека Европа е се повеќе на нишан – вели Тофоен.
Гледано на меѓународно ниво, Европа до сега била релативно поштедена. Бројот на терористичките напади во светот, за разлика од европскиот тренд, од 2001 до 2014 година значително е зголемен.
Според податоците од Глобалната база на податоци за тероризмот, научниците од универзитетот Мериленд, од вкупниот број на напади во последните 14 години во светот, само 0,3 отсто од нив се случиле во Европа.