Судската администрација од речиси сите градови од Македонија на речиси двочасовен протест масовно изрази револт кон игнорантскиот однос на власта. Според нив, власта единствено се грижи за судиите, но не и за вработените во администрацијата, кои како што велат, ја имаат најголемата работа.
– Некогаш ми се чини дека дека две три дечиња седнале да прават закони, а кога ќе им се побуниме, велат тоа било европски, велат демонстрантите.
На протестот на судксата администрација присуствуваа претседатели на повеќе синдикати кои најавија масовни протести. Тие најавија дека доколку не им бидат послушани барањата, ќе продолжат со протестот. Според нив, не е вистина тоа дека ќе бидат казнети доколку протестираат.
– Министерке, треба ли со една оцена еден луѓето да останат без работа? Сега, кога не гледате во волкав број ќе останете ли цврсто на вашите ставови, ја прашаа демонстрантите министерката за информатичко општество, Марта Арсовска Томовска.
Администрацијата протестот го почна пред Собранието, потоа продолжија кон Министерството за правда и Министерството за информатичко општество, а заврши пред владата на Република Македонија. Според демонстрантите, тоа се четирите институции кои ги прават измените без да се консултираат со администрацијата и без да се грижат за вработените.
Демонстрантите велат дека ова не е партиски протест, напротив, ова е искажување на незадоволството од самоволието на властите кои сами одлучуваат што е добро за администрацијата. И покрај ветувањата, тие не ги добиле последно ветените 10% покачување на плата, не им биле исплатени ветените 5% за 2015 година, а и покрај тоа што речиси сите инситиуции се согласиле да им се врати старото работно време, односно од 7:30 до 15:30 часот, кога барањето стигнало до владата, од таму не добиле никаков одговор.
Александар Тодески