„Ние не живееме во диктатура, туку во демократија, и тоа значи дека не може сега нашите телефони случајно да се најдат во некои акции за прислушување. Не може случајно да се прислушуваат телефоните на премиерот, вицепремиерот и шефот на државата“, вака реагира српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ по повод аферата со прислушувањето на државниот врв .
Тој рече дека безбедносните служби, полицијата и војската не можат да прават што сакаат и дека во бескурпулозната борба против криминалот и корупцијата постои апсолутна согласност во Владата.
„ Тука веројатно се мисли дека, како и во претходниот период, ќе се бараат и ловат разликите кои постојат меѓу политичките партии. Не постои никаква разлика. Постои апсолутна согласност меѓу сите за бескурпулозна борба против криминалот и корупцијата, но во оваа држава мора да се знае редот“, рече Дачиќ.
Српскиот премиер додаде дека „ниту војската, ниту полицијата, ниту безбедносните служби не можат да прават што сакаат“.
„Тоа е невозможно. Јас на тоа предупредив повеќе пати во претходниот период, но не ме слушаа. Таа грешка не смееме денес да ја повториме Александар Вучиќ и јас. или ќе биде така или ова веќе не е држава. Значи секој на своето место, не постои друга можност“, дециден е Дачиќ.