Владејачката ВМРО-ДПМНЕ попладнево во Спортскиот центар „Јане Сандански“ ја почна презентацијата отчетот за реализираното во изминатите речиси десет години.
– Овој отчет содржи над 3500 реализирани проекти, мерки и реформи во интерес на граѓаните. Отчетот ќе биде своевиден осврт на работата и делата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до денес, при што ќе се стави акцент на сработеното во кризниот период од 2014 до 2016, како и поголемите и позначајните проекти од претходниот период, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
На собирот е присутно раководството на партијата, министрите во Владата и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, членови и симпатизери на партијата.
Прв пред присутните ќе се обрати лидерот на партијата Никола Груевски, по што министрите треба да образложат, секој во своите ресори, што е сработено во изминатиот период.
Според партијата, да се даде отчет е обврска која со задоволство се извршува зашто, наведува во известувањето, постојат дела кои се создавани со макотрпна работа.
Отчетноста за сработеното, посочуваат од партијата, е еден од основните темели на овој концепт и тоа граѓаните на Република Македонија знаат да го препознаат и наградат. Благодарение на отчетната, транспарентна и одговорна работа во изминатите 10 години, ВМРО-ДПМНЕ успева да ја порази деструктивната политика промовирана од СДСМ, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
