Лидерот на Демократкиот сојуз Павле Трајанов во почетокот на своето обраќање пред делегатите на Петтиот Конгрес на Демократскиот сојуз ги најави ПРОМЕНИТЕ кои ќе се случат на претстојните предвремените парламентарни избори, на кои порача дека Демократсиот сојуз е подготвен за самостоен настап на изборите и отворен за соработка и повикува на обединување и формирање на нова политичка сила, како одговор на граѓанската определба за промени.
„Демократскиот сојуз, заедно со други политички партии и граѓански асоцијации, но и поединци со висок професионален и човечки кредибилитет, на претстојните избори очекува голема поддршка, и голема победа на демократијата” нагласи Трајанов.
Лидерот на Демократскиот сојуз истакна дека е за: за раскрстување и демонтажа на еднопартизмот и олигархиската елита во Македонија: „Обидите на некои да не скршат, да не замолчат, да не маргинализираат, пропаднаа. Колку повеќе нè притискаат, толку сме поединствени и цврсто определени да предлагаме решенија и да ги движиме и менуваме работите”.
Трајанов побара одговорност за сите сторители на тешки кривични дела, “ослободување” на медиумите, одвојување на партиите на власта од државата и поддршка за СЈО, како и прочистување на избирачкиот список. „Toa се битни предуслови за учество на изборите. Ние сме подготвени за избори, но не сме луди да учествуваме во „наместен натпревар“, каде што волјата на граѓаните, не може да се канализира во пратенички мандати“.
Пред конгресните делегати и гости Трајанов јавно запраша: Како е можно криминалот да биде само кај нас вредносна категорија и криминалците да ги штити власта, обвинителството, судот…? Како е можно Уставниот суд да создава законски предуслови да бидат помилувани криминалци кои ги кршеле изборните правила, вршат тероризам, или биле вклучени во наркобизнис? Зарем треба да бидат помилувани педофилите?
Од конгресната говорница, Трајанов побара одговорност од сите и посочи дека судскиот систем е без кредибилитет и затоа предлага реизбор на сите судии и обвинители.
Сите тие кои ја злоупотребиле власта, богатството стекнато на криминален начин мора да го вратат на граѓаните (конфискација) и да им се забрани политичко дејствување од најмалку 10 години. Има судени за идеите на ВМРО, тоа се херои,потсети Трајанов, но во последните 10 години има многумина судени, само поради тоа што биле политички противници. Тоа мора да се исправи, треба ревизија на сите овие случаи.
„За странските инвестиции, битно е да нагласиме дека овде монопол има Владата. Без амин на Владата никој не може да донесе странска инвестиција.
Во Македонија можеш да бидеш добар бизнисмен само ако си близок со власта.
Сите тие работи сакаме да ги промениме, сакаме најспособните да имаат шанса, а не партиските војници, кои разулавени газат сè пред себе.
Од Програмските определби на Демократскиот сојуз на конгресот беа истакнати:
– Најниска плата од 300 евра, најниска пензија од 200 евра и социјална помош од 100 евра.
– ДС предлага Парламент од 90 пратеници, двојно намалување на бројот на министри и намалување на бројните агенции, регулаторни тела, како и целосно укинување на репрезентацијата на функционерите.
– За партизираната администрација која е гломазна, неефикасна и осакатена ДС предвидува вработување,ама со јасни критериуми: време на чекање за работа, постигнат успех при школувањето и универзитетот на кој дипломирале.
-За студентите кои ќе дипломираат се предвидува една година практична работа во компании и администрација, со надоместок од 10.000 денари и платено здравствено осигурување.
„Oд оваа говорница, на 5-от Конгрес на Демократскиот сојуз, порачувам „НЕ СМЕ СИТЕ ИСТИ“. Ние немаме друга држава! Овде сакаме да работиме и создаваме, и промените ќе се случат”, порача Трајанов.
На крајот на своето обраќање лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов рече:
Ќе има промени! Ќе ги споиме искуството и младоста и Македонија ќе биде пристојно и посакувано место за живеење. Во Македонија ќе владее правото и законите ќе важат подеднакво за сите.
Не е сè изгубено! Ве повикувам да се здружиме! Да се обединиме! Да направиме Коалиција со граѓаните! Да направиме пресврт! Да ги победиме тие кои однапред се прогласуваат за победници!
Само со нова политичка сила, ќе се отворат перспективи за подобар и помирен живот. Македонија ќе биде стабилна и модерна Европска држава.
На Конгресот беше избран Централен совет од 80 члена.
За претседател со нов мандат едногласно е избран досегашниот лидер Павле Трајанов.
На Конгресот присуствуваа над 1000 делегати, гости, претставници на политичките партии, меѓу кои и од СДСМ, ЛДП, ДОМ, НСДП, СП, ПДП, ЛП, Алијанса за позитивна Македонија, БЕСА, ВМРО НП, ФРОДЕМ, ДЕМОС и др.