По смртта на педесет и осумгодишната жена која беше изгризана од кучиња скитници во селото Баланци, вознемиреноста кај жителите од општина Центар Жупа, но и оние од поширокиот регион, не се намалува. Дотолку повеќе што глутниците кучиња скитници ги има и понатаму и тие претставуваат потенцијална опасност.
Поради страв за животите на децата, родители од селото Баланци, каде вчера се случи несекојдневниот настан, денеска побараа од локалната власт итно да обезбеди превоз за децата ученици, како и активности за згрижување на кучињата, кои ги има не само во ова туку и во другите села во општината.
Група родители од ова село имале средба со управата на деветолетката „Мустафа Кемал Ататурк“, која се наоѓа на околу два километра од Баланци. Директорот на училиштето, Музафер Сулејманоски, потврди дека имал средба со група родители кои побарале обезбедување превоз за учениците.
– Ние како училиште, но и локална власт не можеме да обезбедиме превоз, бидејќи превоз се обезбедува доколку училштето е оддалечено 2,5 километри. Сепак им излеговме во пресрет па децата ќе следат настава во една смена, сите од прво до деветто одделение, и на училиште да доаѓаат групно, вели Сулејманоски.
Вчерашната трагедија всушност го покрена уште еднаш прашањето дека неопхподно е формирање шинтерска служба и во оваа општина. Жители се жалат дека кучињата скитници ги има во голем број и според нив има очевидци кои тврдат дека овие кучиња се носат во Жупа со камиони од некои соседни градови.
Појава на глутници кучиња има и во Дебар. И тука се жалат дека ги носат со камиони од соседните општини. Директорот на ЈКП „Стандрад“ Мазлум Леши во повеќе наврати најавува формирање шинтерска служба, но до сега тое не е реализирано. Дебарчани посебно стравуваат за децата кои наутро одат или во доцните поладневни часови се враќаат од училиште.
Инфектологот Нехат Хиса, од инфективната амбуланта при Општата болница во Дебар, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, вели дека во просек годишно се регистрирани по 80 каснувања од куче. Според него повремено недосига и серум, поради што пациентите се принудени да патуваат до Струга или Охрид.