Чешка сака пред прифаќањето на мигрантите од Грција и од Италија да провери дали тие претставуваат ризик за безбедноста на земјата, најави чешкиот премиер Бохуслав Соботка.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, Чешка засега понуди да прифати 20 бегалци од Грција и десет од Италија.
– Ние ќе постапуваме со наше темпо. Процесот за релокација, го сметам за нешто што треба да биде под полна контрола на одделните влади. Ќе ги проверуваме сите тие луѓе бидејќи безбедносните проверки се клучни, основен и прв услов за чешкото учество во каква било релокација, изјави Соботка.
Тој додаде, дека дури по проверката е можно тие луѓе да добијат меѓународна заштита или азил во Чешка.
Соботка изрази уверување дека префрлувањето на бегалците ќе се случува само во рамки на она што е веќе договорено за прераспоредување на 160.000 бегалци меѓу земјите членки на ЕУ.
– Квотите не може да бидат пречекорени, затоа што Чешка нема да се согласи со тоа и сметам дека никој во Европа не би сакал да се прегласува за таа работа, рече Соботка, потсетувајќи на минатогодишната одлука на Унијата за прераспределба на бегалци и покрај несогласувањето на Чешка и неколку други земји во врска со задолжителните квоти.