Дојче веле – Бон
Поради повеќе од милион бегалци во Европа, малкумина во Германија денес се сеќаваат на илјадници барања за азил на луѓето од Балканот. Меѓутоа, некои од нив од тоа не се откажуваат ни денес.
Се почна со воведувањето на безвизниот режим. Граѓаните се радуваа волни да патуваат во Европа, но тоа пред се доведе до постојан пораст на барања за политички азил во Германија, а потоа и до рестриктивни мерки во Германија.
Безвизниот режим и несакани појави
Безвизниот режим воведен е за Србија, Македонија и Црна Гора пред шест години, а една година подоцна истите привилегии ги добија и Албанија и Босна и Херцеговина. Тоа на што граѓаните се радуваа подготвени својата скромна заштеда да ја вложат на патувања, доведе и до постојан раст на бројот на барањата за политички азил во Германија.
Меѓу луѓето кои се социјално, етнички или на кој било друг начин маргинализирани се прочу дека до Германија може да се дојде без поголеми пречки и таму да се остане најмалку шест месеци ако се поднесе барање за азил.
Тој раст на бројот на балканските баратели на азил, повеќето Роми и Албанци, доведе до жестоки политички дебати во Германија. Денес, под впечаток на милионско движење на сириските бегалци кон Европа, малкумина се сеќаваат дека десетици илјади барања за азил од просторите меѓу Скопје и Велика Кладуша всушност беа тој внатрешнополитички ороз кој трајно го промени приоритетот на политичките теми во Германија.
Безбедни држави
Германската влада во 2014 и 2015 година реагираше со налепницата „безбедна земја на потекло‟ за сите пет наведени земји. „Безбедни држави‟ се тие за кои германската влада смета дека нивните влади не вршат политички прогон, а на одбиените подносители на барање за азил не им се заканува „казнување кое би било повреда на човечкото достоинство‟.
Таа нова правно-политичка рамка за пет балкански земји брзо почна да делува. Бројот на принудните враќања се зголеми, бројот на барањата за азил од ова подрачје се намали. Во февруари 2016 година забележани се помалку од илјада барања од овие пет земји, од Србија имало само 384. Бројот на одобрените барања се мери во промили.
Во сенка на сириските бегалци
Сириските бегалци со своето масовно доаѓање ја потиснаа оваа група на луѓе во позадина. „Неоснованоста на барањата‟ на луѓето од „безбедните држави‟ речиси никој од владејачките структури повеќе не го доведуваше во прашање. Најгласно се бунеа невладините организации Амнести Интернешенал и Про Азил. Во јавноста често се слушаше дека „лажните азиланти‟ го заземаат местото на „вистинските бегалци‟ од воените подрачја.
Залудно медиумите понекогаш го свртуваа вниманието на проблемите. На пример „Стем‟ констатира дека на Косово се дискриминирани Ромите, а полицијата е насилна, дека во Црна Гора често се загрозени независните новинари, а во Албанија и девојчињата и жените, додека органите на безбедноста речиси секојдневно некого злоставуваат.
Се зголеми и бројот на доброволните враќања, а на тие подносители на барања за азил ја избегнуваат повеќегодишната забрана за влез во Германија. Тие кои нема да се согласат на тоа си одат со полициско спроведување. Ретки од нив ја избегнуваат таа судбина бидејќи привремено ги изземаат од контингентот за депортирање од здравствени причини или ако екипажот на авионот одбие да прими некој од нив.
Ромите во тешка позиција
На Балканот Ромите се социјално загрозени и често дискриминирани. Меѓутоа, според проценките на еден дел на експертите, не постои системска дискриминација или брутални напади како во земјите на Европската унија, Унгарија, Словачка, Чешка и Франција. Расизмот кон Ромите, според истите проценки е помал во Македонија отколку во Бугарија која е членка на ЕУ. Сепак, некои Роми не се откажуваат. Новинарот на евангелистичката новинска агенција „Епд‟ разговараше со луѓе кои илегално престојуваат во Германија, во провинциско градче на западот на земјата. Редакцијата им го заштити идентитетот и ги нарече Виолета и Драган Демировиќ.
Виолета е бремена, изгледа исцрпено, нема медицинска заштита. Нејзиниот маж вели: „Не сакам повеќе никогаш во Србија, мака ми е и кога ќе помислам на тоа!‟. Тој додаде дека од ромската населба на работ на Белград нормално заминале во Германија, но дека таму илегално останале. Во Србија го изгубиле синот во сообраќајна несреќа. Пријатели на човекот кој бил виновен за несреќата ги заплашувале, физички ги напаѓале и им се заканувале. Кога тој човек сепак бил осуден на помала затворска казна, уште во судницата рекол дека ќе ги убие семејството Демировиќ. Вели дека судијата и полицијата на тоа ни со око не трепнале.
Воени лузни
Во агенцискиот напис се наведува и примерот на Фидан Тахири, на кој исто така името му е променето. Тој до 1993 година бил полицаец во Мостар. Тогаш паравоените формации Хрватите од БиХ ги депортирале во злогласниот логор Хелиодром, каде ужасно ги злоставувале. Му успеало да побегне во Германија со помош на поранешните колеги од полицијата.
Кога по војната се вратил во Мостар сфатил дека неговите мачители се на јавни функции, а еден од нив во неговиот предвоен стан. Во муслиманскиот дел на поделениот град исто така го дочекала нетрпеливост, бидејќи избегал од војната, а жена му е христијанка. „За Хрватите бев муслиман, а за муслиманите дезертер‟ – вели Тахири. Тој со тага се сеќава на предвоените години, кога омразата не била секојдневна појава: „Југославија беше добра земја‟.
Од страв да не го убијат неговите некогашни мачители, како сведок во навестените судски процеси, во 2015 година повторно побегнал со семејството во Германија и сега чека да се донесе одлука за неговото барање за азил. Прашање е како надлежните институции ќе одлучат, бидејќи Босна и Херцеговина е на листата на „безбедни држави‟.
Политички притисок
Заменик директорот на невладината организација Про Азил, Бернд Месовиќ потенцира дека во Германија е зголемен политичкиот притисок на надлежните институции, а се објаснува со фактот дека Германија многу порестриктивно пристапува кон подносителите на барања за азил од Србија од земји како што се Швајцарија или Италија. Таму повеќе од една третина подносители на барања за азил добиваат заштита.