Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска се сретна со земјоделци од здружението „Бело злато“ од Кочани кои вчера протестираа поради, според нив, ниската откупна цена на белиот ориз и оризовата арпа.
Како што информираат од Кабинетот на Николовски, земјоделците се незадоволни поради непочитувањето на договорената цена од 25 денари за арпа и 50 денари за бел ориз и бараат од Министерството да преземе мерки за надминување на состојбата со откупот. Велат дека не можат да инвестираат во новата сезона која за две недели треба да започне со подготовка на сеидбата.
Николовски им порачал дека МЗШВ може да помогне преку интервентен откуп на оризот, согласно Законот за земјоделство и рурален развој.
– На предлог на министерот, Владата може да донесе одлука за ваква мерка со што најдиректно ќе се помогне на земјоделците, рече Николовски.
Оризопроизводителите доставиле и писмено барање до министерот во кое бараат да бидат примени со цел да се најде решение за нивниот проблем. Во спротивно најавуваат радикализирање на протестите.