Од вторник до 27. март на Скопски саем ќе се одржи 42-то издание на меѓународниот саем на мебел на кое ќе се претстават 180 директни и 400 индиректни изложувачи од Македонија, Италија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
На саемот на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел ќе бидат изложени 10.000 парчиња мебел.
– Ова ќе биде најголемиот саем на мебел досега што ќе се одржи во рекордни 11 саемски хали. На саемот повторно ќе биде присутен и Кластерот на дрвна индустрија од Косово со три производители на мебел, а ќе има и компании од Србија, Хрватска, Италија, Босна и Херцеговина. Секоја од компаниите ќе одржува свои промоции и презентации и ќе има и големи попусти, изјави Магдалена Хамбова, оперативниот директор на проект во Скопски саем.
Таа прецизира дека саемот официјално ќе биде отворен на 22 март во 11 часот, а за посетителите ќе работи секој ден до недела во периодот од 10 до 20 часот.
– И оваа година се организира стручно оценување на експонати. Дел од стручната комисија, која е составена од пет члена, е и македонскиот Кластер за дрвна индустрија, кој секоја година е партнер на саемот. За најдобрите експонати се предвидени награди, рече Хамбова.
Нагласи дека саемот на мебел е познат по своите оригинални декорирани изложбени простори, кои покрај мебел за домот го трасираат трендот за модерни кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, мебел и додатоци за градини, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво.
Влезот за саемската манифестација ќе чини 100 денари, а организаторите очекуваат оваа година да биде надмината вообичаената бројка од 50.000 посетители.