Како дел од промотивните трки на „Виз Ер Скопскиот Маратон 2016“, на 10 април во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи четвртата „Женска трка“.
Низ годините, „Женската трка“ која што е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, се здобива со голема популарност и бројот на жени кои учествуваат во трката од година во година се зголемува.
Трката е влезена во календарот на Европската атлетска федерација, а организаторот очекува бројка од 1.000 учеснички.
– Неверојатно брзото секојдневие и модерниот начин на живот придонесуваат жените да имаат многу повеќе обврски, а се помалку време за себе, време за вежбање и за водење на здрав живот со што го зголемуваат ризикот од разни заболувања. Токму поради тоа обемните научни истражувања го потенцираат фактот дека вежбањето, одржувањето на кондицијата и водењето на здрав начин на живот се од огромно значење за модерните жени, соопштуваат од организацискиот одбор.
Пријавувањето се одвива на zenskatrka.skopskimaraton.com.
На 10 април во 10 часот е планирано групно загревање со аеробик, а од 10:30 започнува трката. Ќе се трчаат 2.000 метри, односно еден круг во парк. Секоја учесничка ќе добие стартен број со чип за електронско мерење на време. Трката има натпреварувачки карактер и трите најдобро пласирани во генерален пласман ќе добијат награди, а ќе има награди и за најдобрите три по возрасни категории.
Секоја учесничка на Женска трка со стартен број учествува во лотарија која ќе се одржи по завршувањето на трката со која ќе се доделат награди од спонзорите.