Зголемена е свесноста на потрошувачите за нивните права во случај на незадоволство од производи и услуги, претежно за храната, за чиј квалитет и безбедност се уште треба да се едуцираат, оценија претставници од надлежните институции и организации на одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите – 15-ти Март.
Државниот пазарен инспекторат минатата година спровел 5.016 надзори врз основа на Законот за заштита на правата на потрошувачите, од кои над 1.000 биле врз основа на пријави од потрошувачи. – Најголемо незадоволство од страна на потрошувачите е детектирано од неквалитетни производи, особено во делот на бела техника, мобилни телефони и компјутери, но и неквалитетни услуги, најчесто незадоволство од одредени кабелски оператори, фиксна мобилна телефонија, интернет, комунални услуги, дистрибуција на електрична и топлинска енергија, изјави Анета Димовска, државен секретар во Министерството за економија.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија лани понудиле над 2.700 советувања на потрошувачите преку нивните советодавни бироа. Веќе втора година по ред, според нивната евиденција, најголем број од поплаките на потрошувачите се однесуваат на проблеми во остварување права од гаранција на техничките производи, а особено мобилните телефони. Има поплаки и за поминат рок и за прикриени ознаки за чувањето на храната.
Во рамки на активностите за Светскиот ден на потрошувачи, ОПМ спроведува промотивна кампања за правилна исхрана преку нова веб страница, брошура и мобилна апликација која е активна од денеска.
– За подобро детектирање на нутритивната вредност на прехранбените производи Организацијата на потрошувачи направи мобилна апликација која има семафор и ќе може да се утврдува која храна има поголемо количество масти, шеќер, сол, кои имаат штетно влијание на здравјето на луѓето, изјави Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ.
За потрошувачите, според ОПМ, е многу важна новата регулатива на ЕУ за означување на храната и стапувањето во сила на Правилникот за означување во РМ каде оваа регулатива е пренесена. Со започнување на очекуваната примена на правилникот на 13 мај годинава производителите ќе мора да стават точно регулирана нутритивна етикета на секој производ, што ќе овозможи подобро да се препознаат големите количества масти, шеќер…
Според Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, по шестмесечното пролонгирање ќе нема ново одложување на правилата, а компаниите се подготвени.
До Агенцијата за храна, како што рече, секоја година се зголемува бројот на претставки, што значи дека свесноста на луѓето во делот на храната се зголемува. Исто така се зголемува и процентот на неосновани претставки, што укажува на тоа дека потрошувачите треба повеќе да се информираат во делот на квалитетот и безбедноста на храната, наведе Поповски.
Мотото на овогодишните активности за Светскиот ден на правата на потрошувачите е „Антибиотиците надвор од менито“. Некотролираното давање антиобиотици создава резистентност на лековите, кои ќе престанат да дејствуваат, а малите инфекции можат да создадат високоотпорни бактерии кои повторно ќе станат смртоносни.
Во Македонија, според Поповски, редовно се контролира присуството на антибиотиците во месото и млекото. Досега се најдени антибиотици во само четири мостри млеко од фарма кое веднаш било уништено.
– Од 2002 година се воспоставени и функционираат беспрекорно мониторинг програми кои ги доставуваме до Европската комисија како доказ дека системот функционира бидејќи присуството на антибиотици е еден од предусловите за извоз на храната во ЕУ кој во Македонија е одамна апсолвиран, изјави Поповски.
Од институциите што се надлежни за заштита на правата на потрошувачите сметаат дека во Македонија се поголем предизвик е заштитата на потрошувачите при користење услуги од електронска трговија. Како особено знајачна ја истакнуваат подготовката на стратегијата за заштитита на правата на потрошувачите и зголемување на квалитетот на производите и услугите во Министерството за економија за периодот 2016-2020 година.