Објавен е конкурсот за учество на петтиот по ред „Т’к так фест“ во Кавадарци што ќе трае до 1 август годинава.
– Фестивалот повторно ќе ги обедини надежите и легендите на македонската музичка сцена. Настанот кој стана вистински бренд во Македонија, во најавата на својот прв голем јубилеј ветува незаборавна забава, одлична музика и искрени дружења кои остануваат за навек, информираше денеска Марко Матиев, од организацискиот одбор на фестивалот.
Тој нагласи дека вообичаено и годинава главниот збор на сцената ќе го имаат демо бендовите кои ќе се борат за првите три награди кои вклучуваат снимање во професионалните студиа на еминентни продуценти и гран при наградата „Трајко Каров“, која се доделува на најдобриот тапанар и изнесува 30.000 денари.
Според пропозициите, демо бендовите треба да достават кратка биографија за бендот, линк од демо снимки на две авторски песни поставени на приватен youtube канал и текст на песните со кои се аплицира. Должината на една композиција не смее да надминува повеќе од 5 минути.
– Во согласност со програмските определби на фестивалот, селекторот и селекциската комисија составена од еминентни и признати рок музичари, ќе одлучат кои од пристигнатите апликации ќе бидат прифатени, додаде Матиев.