Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) соопшти дека Турција мора да обезбеди барањата за азил да бидат разгледани во разумен рок, пренесува Танјуг.
Во известувањето, кое УНХЦР и го испрати на Турција, се наведува дека мора да вложат дополнителни напори за да се овозможи „сите луѓе кои бараат меѓународна заштита да добијат одговори од надлежните власти во разумен временски рок“.
УНХЦР наведува дека договорите, како што е оној кој го постигнаа ЕУ и Турција, мора да бидат во рамките на меѓународните и регионалните обврски, со кои се почитуваат правата на загрозените поединци.
Се напоменува дека во Турција има 2,7 милиони сириски бегалци, и дека само 10 проценти од нив се сместени во кампови.