Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со денешната изјава за медиумите покажа целосното непознавање на основните законски процедури во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, реагира попладнево Платежната агенција.
Според Агенцијата која ги демантира тврдењата на Николовски дека се исплатени субвенции на непостоечка фирма „Корал“, основната цел на дополнителниот заменик-министер е да манипулира со јавноста и да презентира неточни и неоригинални документи.
– Министерството и Агенцијата ја информираат јавноста дека не се точни тврдењата на дополителниот заменик-министер дека исплатата на субвенции е извршена на непостоечка фирма Корал. Напротив, Фирмата Корал е запишана во Единствениот регистар за земјоделски стопанства каде се евидентирани општите податоци за субјектот и сите земјоделски обработливи површини за кои има право на користење. Правниот субјект Корал субвенциите ги добива во континуитет на иста сметка и има ист единствен даночен број и ист единствен матичен број на субјектот, наведува Агенцијата.
Министерството и Агенцијата немаат надлежности да навлегуваат во внатрешните промени и сопственичките односи во фирмата имајќи предвид дека законска обврска на земјоделското стопанство е да ги пријави сите промени во Единствениот регистар на земјоделски стопанства настанати во самото земјоделско стопанство вклучително и општите податоци за субјектот како сопственик и управител.
– Ќе повториме дека Министерството и Агенцијата немаат обврска да ја следат сопственичката структура на фирмата, туку наша обврска е да ги следиме исполнувањата на обврските од договорот за закуп на државното земјоделско земјиште на правното лице во случајов фирмата Корал и исполнување на пропишаните услови и критериуми за одобрување на финансиска поддршка, стои во реакцијата.
Платежната агенција ги демнтира и тврдењата на Николовски дека доставениот договор за цесија е без печат од субјектот „Корал“. Потпишан е и заверен со печат од трите надлежни институции – Министерството, Агенцијата и фирмата „Корал“.
– Агенцијата работи согласно утврдените процедури за работа за кои има добиено акредитација и сертификација на квалитет. Постапува секогаш по дојава за евентуален сомнеж за нерегуларности со покренување постапка пред надлежни органи. За овој случај не е доставен ниту еден приговор или дојава за сомнеж. Укажуваме дека нарушувањето на угледот на институциите и поединците со изјави кои се засноваат на непроверени информации исто така повлекува одговорност пред закон, наведува Платежната агенција во реакцијата.