Со инвестиции во висина од 55 милиони американски долари во шест рударски проекти во период од десет години и над 1.400 вработени Минеко групацијата е еден од најголемите инвеститори во регионот во областа на рударството и енергетиката. Со голем интерес го следи развојот на состојбите во Македонија и прави проценка за нови проекти и активна деловност во нашата земја.
– Минеко е присутен во регионот од 2004 година откако ги следи поволните прилики за инвестирање и во Македонија. Рударството на обоените метали е една од основните активности на Минеко групата и со гордост гледаме на трите наши рудници за олово, цинк и бакар со кои управуваме заедно со партнерите „Рудник“ и „Велики Мајдан“ во Србија и „Сасе“ во Република Српска, кои денес се стабилни. Паралелно, со голем интерес го следиме развојот на состојбите во Македонија и правиме проценка за нови проекти, изјави Бојан Поповиќ, директор на Минеко лимитед.
Грпацијата моментално во регионот вработува околу 1.400 луѓе, а најавува и отворање на два нови рудници во Србија и БиХ со што ќе обезбеди работа за уште 500 луѓе. Станува збор за прв подземен рудник отворен во Босна и Херцеговина после 30 години, рудникот за олово кај Олово, и рудникот за олово и цинк во Србија кај Босилеград, Босил Метал во 2018 година. За отворањето на рудниците во Босилеград и Олово компанијата најавува дополнителни инвестиции од 20 до 23 милиони американски долари.
Како што соопшти групацијата, за тоа како проширувањето на Минеко групата во Македонија би влијаело на стопанството, најдобро говорат резултатите на рудниците од оваа групација, кои од година во година бележат константен раст на производството и пораст на бројот на вработени и покрај глобалната криза на пазарот на обоени метали која доведе до затворање на некои од најголемите рудници во светот.
Минатата година за рудниците на Минеко по многу нешта беше рекордна, во Србија во рудникот Велики Мајдан годишниот план за производство на концентрати на олово и цинк беше надминат за околу 25 отсто, во РОЦ Рудник е ископано рекордни 26.543 истражувачки бушења. Истовремено, платите се зголемени за околу 13 отсто, додека рудникот „Сасе“ во Сребреница го зголеми производството за 7,2 отсто во однос на 2014 година и вработи нови 47 работници, се наведува во соопштението на Минеко.
Според Поповиќ кризата на пазарот на обоени метали не ги заобиколи, меѓутоа, групацијата обезбедила не само опстанок на рудниците, туку и рекордно производство во изминатата година, благодарение на рационализацијата на трошоците и најмногу на политиката да го реинвестира профитот назад во рудниците.
Сите рудници кои работат во склоп на Минеко Групата ги исполнуваат сите законски обврски кон државата и кон вработените. Висината на платените концесиски надоместоци за рудниците на Минеко само во измината година во државните буџети во регионот изнесуваат повеќе од 1.800.000 американски долари. Рудниците редовно учествуваат во проекти кои имаат за цел унапредување на локалната заедница, а значајни суми се издвоени и за помош на поединци, организации и институции во средините каде работат.
– Очекуваме дека во наредниот период глобалниот пазар ќе се консолидира и дека покрај остварување на одличните резултати во регионот, ќе започнеме еднакво успешно работење и во Македонија, рече Поповиќ.