Македонските потрошувачи стануваат се посвесни за значењето на безбедноста на храната, но има потреба од нивно доедуцирање. Тоа го покажува последното истражување на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) според кое бројот на претставки по однос на безбедноста на храната расте, но се зголемува и бројот на неосновани реакции од страна на граѓаните.
Како што беше речено денеска по посетата на краварска фарма во скопското село Петровец, што ја организира АХВ, само совесен и едуциран потрошувач може да придонесе во системот за безбедност на храната.
– Често граѓаните пријавуваат работи кои воопшто не треба да бидат пријавени. Тоа значи дека недостига едукација. Затоа годинава ќе направиме планови за информирање и акциски ќе делуваме, изјави Кате Стојановска, раководител на Одделението за заштита на потрошувачи во АХВ.
Според Олга Јаневска, раководител на Секторот за ветеринарно јавно здравство, до крајот на 2019 година сите одгледувачи на молзни крави, преку 9.000, ќе мора да ги исполнат условите за категоризација на млекото согласно ЕУ стандардите. Процесот почна во втората половина на 2015-та, а опфаќа прилагодување на производството во однос на три клучни параметри:
инфраструктура, хигиена (на објекти, собирање и транспорт на млеко), како и критериуми за сурово млеко (вкупен број микроогранизми и соматски клетки).
– Доколку по 2019 година некои од производителите не ги исполнат бараните критериуми, не ќе може да го продаваат млекото во преработувачките капацитети, истакна Јаневска.
Моментно, со донесените правилници, европската легислатива е целосно пренесена и кај нас. Вкупниот број микроорганизми во еден милилитар млеко на 30 степени целзиусови треба да биде до или помалку од 100.000, додека на соматски клетки до или помалку од 400.000.
– Дел од производителите го задоволуваат овој стандард, а дел очекуваме тоа да го достигнат во постапката на категоризација. Одгледувачите на молзни грла се свесни дека условите мора да ги исполнат, рече Јаневска.
Освен критериуми за категоризација на објектите и производството, краварските фарми треба да исполнуваат и стандарди за благосостојба на животните. Засега, одгледувачите ги задоволуваат минимум пропишаните услови: средина соодветна на видот, квалитетна храна и вода за напојување, како и хумано однесување кон животните.
– Одгледувачите мора да имаат договор со ветеринарно друштво кое ја спроведува годишната наредба за здравствена заштита на животните што подразбира испитување на бруцелоза и туберкулоза, напомена Димитар Терзиевски, помошник раководител на секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните.
Во однос на регистрацијата и идентификацијата, сите животни треба да се обележани, а сопственикот мора ажурно да го води фарм-регистарот и да ги запазува роковите на пријавување и движењата на животните. Како што најави Терзиевски, АХВ ќе ги интензивира контролите на терен.
Фармата „Лука промет“ денеска ја посетија и дечиња од скопската градинка „Кокиче“, општина Кисела Вода, како дел од кампањата на АХВ „Од нива до трпеза, од фарма до вилушка – безбедна храна за македонските граѓани“ за едукација на децата за безбедноста на храната и исхраната.
Кампањата почна во февруари годинава и досега, стручни лица од Агенцијата посетија 11 градинки. Децата, преку слики, учеа за безбедноста на храната и за начинот на исхрана.
– Во ланецот на исхрана има повеќе алки, а денеска децата можеа да ја видат првата. Изненадувачки добро е што тие знаат каде почнува производството на млеко, рече Стојановска и додаде дека во однос на безбедноста на храната мора да има соработка меѓу бизнисот, надлежните институции и граѓаните како крајни потрошувачи, но многу е важен процесот на едукација од најмала возраст.
Сопственикот на фармата Дејан Јаневски рече дека имаат 40 грла кои дневно даваат 550 литри млеко, а количините се продаваат на „Бучен Козјак“. – Станува збор за семеен бизнис што го почна дедо ми, а ние го продолживме. Инвестицијата во фармата е од пред пет години, ја реализиравме заедно со брат ми. Од одгледувањето крави може солидно да се живее, но многу е важно дали сами произведувате добиточна храна или купувате, рече Јаневски.