„Синедејс“ со 107 филмови во 11 дена

Од:

107 филмови во 11 дена, од 15-ти до 25 ноември, ќе понуди годинашниот Фестивал на европскиот филм „Синедејс“, со проекции во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.

Десет наслови од млади европски автори се во официјалната конкуренција, седум во програмата Синебалкан, пет во селекцијата МК&ЕУ – европски филмови во кои учествуваат режисери, сценаристи, актери, продуценти од Македонија, и 40 гала-премиери (од Копола, Ханеке, Бертолучи, Вуди Ален, Том Тиквер, Кроненберг, …, победници во Кан, Венеција, Берлин, Сан Себастијан…) за 40-те години постоење на организаторот на фестивалот – Младинскиот културен центар.

Мотото годинава е „Да ја исплакнеме сапуницата од себе, помалку сапун, повеќе филм“. Директорот на МКЦ Златко Стевковски на прес-конференција рече дека слоганот е поради „опсадата од сапуници“ на националните телевизии кои, покрај вестите, 16 часа дневно прикажуваат серии.

– По четиридецениската безмилосна војна против сеопштиот кич, шунд, паланечката малограѓанштина, хипокризијата, ниските вредности, дребното профитерство, срозените морални нормативи, политиканството и останатите контракултурни, нехигиенски и несогледливо штетни општествени појави и дејанија, вашиот МКЦ ви приредува 107 филмови во 11 дена, рече Стевковски.

Идниот четврток фестивалот ќе почне во „Милениум“ со германско-унгарски филм од гала-премиерата „Вратата“, а во вечерниот термин официјалното отворање е со словенечкиот „Шангајски циган“ во која главниот лик го игра македонскиот актер Висар Вишка. Овој филм е во селекцијата МК&ЕУ, како и филмот за затворање – „Кога ќе се раздени“ на српскиот режисер Горан Паскаљевиќ, во кој играат Зафир Хаџиманов и Мето Јовановски и музика на Влатко Стефановски. Во оваа програма е и српскиот „Ѕвезрилник“ со Никола Ристановски во главна улога.

На годинашниот „Синедејс“ се филмови победници или номинирани на филмските фестивали, меѓу кои победниците во Сараево и во Ротердам – романскиот „Секој во нашето семејство“ и српскиот „Клип“.

Во програмата „Земја во фокусот“ оваа година е кинематографијата на Египет и ќе бидат прикажани документарни филмови за Арапската пролет. Нивни селектор е Шериф Авад, филмски уредник на списанието Egypt Today, кој е и член на жирито за официјалната конкуренција. Во жирито се и македонскиот режисер Вардан Тозија и Јан Харлан – продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик, кој е меѓу ѕвездите на „Синедејс“, заедно со Андреас Дресен, големото име на германската кинематографија.

Гости на фестивалот ќе бидат и Горан Паскаљевиќ, Маја Милош – режисерка на наградениот филм „Клип“, Ричард Грејсон од Универзитетот „Оксфорд“, кој ќе одржи предавање на тема „Холивудската културна машина“…

„Синедејс“ ќе има и неколку музички документарци, кратки филмови од македонската продукција, првпат и поетски филмови, остварувања на млади италијански режисери, како и придружни настани – работилници и концерти, меѓу кои на Тони Китановски и Черкези оркестарот за отворањето на 15-ти и настапот на „Беи д фиш“ на 24 ноември во МКЦ.

Буџетот за фестивалот е околу 1,5 милион денари обезбедени од Град Скопје, Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Стевковски рече дека тоа е многу мал дел од реалните организациски трошоци и дека финансиски фестивалот е покриен и од приходите во „Милениум“ и МКЦ.

Информираше дека од 44 продадени билети на „Синдејс“ во 2009 година, кога ја наследиле организацијата, во 2010 биле продадени 4.900, а лани 23.000 влезници. Очекува дека годинава бројот на глдеачи ќе биде уште поголем. Влезницата за секој филм е 100 денари. Проекциите во „Милениум“ ќе почнуваат од 12 часот.

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ