Апсурдни и манипулативни се обвинувањата од дотичните дека сум вршела некаков притисок Љубе Бошкоски да не биде ослободен, вели за А1он директорката за извршување на санкции, Лидија Гавриловска.
Таа вели дека во законот стои дека затвореникот може да биде пуштен на слобода 90 пред завршување на казната, но не мора да значи дека тоа ќе биде точно деведесттиот ден.
А1он се обиде да ја контактира заменик министерката за правда, Билјана Бришковска Бошковска поради тоа што на денешниот протест беше посочена исто дека врши притисок врз директорот Живко Пејковски да не го пушта Љубе Бошкоски да излезе од затворот во Идризово. Од министерството не сакаа да го дадат нејзиниот службен телефон иако им беше укажано дека тоа е јавен број кој го плаќаат граѓаните.
Генералниот секретар на Обединети за Македонија, Раде Милососки пред медиумите кажа дека Билјана Бришковска-Бошковска и Лидија Гавриловска ја спроведуваат наредбата од власта Љубе Бошкоски да не се пушта од затвор до изборите. Според него, тие го спречуваат директорот на затворот, Живко Пејковски да го потпише решението со закани кон него да не потпишува.
Пред затворот во 11 часот се собраа приврзаници на Љубе Бошкоски, поранешни бранители и дел од неговото семејство кои скандираа „Живко охрабри се“, но и најавија дека нема да има мир од нив доколку продолжи да ја злоупотребува службената положба и не постапи согласно законските прописи.
Александар Тодески